Свет 19. октомври 2019. / 09:56

(ВИДЕО) Гумени куршуми и солзавец: Полицијата ја презеде контролата над улиците во Барселона

(ВИДЕО) Гумени куршуми и солзавец: Полицијата ја презеде контролата над улиците во Барселона

Каталонската и шпанската полиција ноќеска ја презедоа контролата над улиците во Барселона и другите каталонски градови и ги растераа демонстрантите кои шест часа го блокираа градот.

Синоќа дојде до најжестоки судури меѓу каталонските заговорници за независност и полицијата, откако во понеделникот беа изречени затворски казни за лидерите на Каталонија, осудени за организирање на референдумот за независност во 2017 година.

Илјадници демонстранти со знамиња на Каталонија, на петтиот ден од демонстрациите, целосно го блокираа градот.


Шпанските власти соопштија дека се откажани 57 летови, а учесниците на протестот уште утрото ја затворија границата со Франција и најмалку 25 сообраќајници.

На улиците се забележуваше и оган, бидејќи демонстрантите ги палеа контејнерите. Полицијата возврати со гумени куршуми и солзавец. Пожарникарите во текот на ноќта ги изгасија контејнерите за ѓубре кои служеа како барикади.


Немири имаше и во другите каталонски градови каде беа организирани протести. Брзата помош соопшти дека се повредени 89 лица, од кои 60 во Барселона.

Според последните информации, уапсени се 27 лица.

Кабинетот на каталонскиот премиер Ким Тора доцна синоќа свика итен состанок, а утрово треба да се обрати пред јавноста.

Владата на Каталонија, составена од две партии за независност, во последниве денови повикува на масовни и мирни демонстрации.