Бројот на настрадани од тајфунот Хагиби кој го погоди централниот и источниот дел од Јапонија се искачи на 42 лица, додека екипите за пребарување и спасување продолжуваат да трагаат по 17 исчезнати.
Новинската агенција Кјодо наведува дека во ударите на тајфунот се повредени најмалку 180 лица, а околу 38.000 лица се евакуирани од своите домови.
Хагиби на островот донесе рекордни количества дождови, заради што за само 48 часа се излеаја дури 20 реки. Поплавени и оштетени се повеќе илјади домаќинства, а голем дел од главниот остров остана без струја.
Премиерот Шинзо Абе кажа дека владата ќе формира посебен тим за катастрофи.
– Нашиот одговор мора да биде брз и примерен, рече Абе, нагласувајќи дека многу лица се исчзанати, а штетите се големи.
Властите соопштуваат дека 60.000 домови во Токио и околните префектури се уште се без струја, а железницата соопшти дека железничкиот сообраќај е ограничен на градовите Нагано и Токио.
Властите предупредуваат дека се можни нови врнежи.