После ужасната експлозија што се случи вчера во Либан, делови од главниот град Бејрут беа урнати до земја.
Бројни снимки од моментот на експлозијата и последиците што ги предизвикале, кружат на социјалните мрежи. Улиците се преполни со урнатини, повредени има на сите страни, а делови од градот се целосно уништени. Размерите на катастрофата најдобро се гледаат во снимките од беспилотните летала.
Спасувачките екипи продолжуваат да ја расчистуваат областа, бидејќи се верува дека има повеќе луѓе заробени под урнатините, пренесе ТАСС.
Досега е познато дека над 100 лица загинаа, а повеќе од 4.000 се повредени. Се стравува дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте.
Моќна експлозија се случи синоќа во пристанишниот дел на Бејрут, во близина на поморската база, а детонацијата се почувствувала и во населеното подрачје на либанската престолнина. Уништени се згради и куќи, целосно се уништени прозорци и балкони, а при експлозијата се оштетени многу автомобили.
Властите објавија дека експлозијата е предизвикана од детонирање на 2.700 тони амониум нитрат, кој се наоѓал во магацин откако бил запленет од царината во 2015 година.