Свет 24. јуни 2018. / 15:12

Венецуела: Извлече ли светот конечно поука, дека социјализмот носи само сиромаштија?

Венецуела: Извлече ли светот конечно поука, дека социјализмот носи само сиромаштија?

Падот на Берлинскиот Ѕид требаше да биде доволна лекција за паметните луѓе, дека цените се формираат на пазар, а не по политички бироа, дека 0% невработеност и сиромаштија се утопија, дека профитот е главниот економски мотив при движењето на капиталот, а не социјалниот статус на работниците, дека личниот интерес без штета кон другите е морално исправен чин, наспроти колективистичките догми кои од поединецот прават жртвено животно во името на колективитетот.

Сетоа ова требаше да биде јасно уште во раните 1990-ти, кога требаше Карл Маркс да биде исфрлен од наставна програма и заменет со Лудвиг Фон Мизес, а „Капиталот“ како главна општествена лектира со мизесовото „Човеково Дејствие“. Во филозофијата никогаш не станаа доминантни Ајн Ренд, Роберт Нозик, Мареј Ротбард, туку си останаа партизанските шупливи приказни на Вебер, Спенсер, Маркузе, Фром. Во учебниците по економија Маркс беше некомплетно заменет со кејнзовата „Макроекономијата“ наместо со „Бизнис Циклусите“ на Австриската Економска Школа.

Ваквите процеси на глобално ниво донесоа ликови како Хуго Чавез, на чии идеи се радуваа социјалистите напикани по медиумите и универзитетите. Сите тие јавно ликуваа кога тој конфискуваше земјиште, се расфрлаше со бесплатна нафта, национализираше супермаркети. Денес кога Венецуела буквално гладува, левицата која доминира по медиумите и универзитетите, некако со половина уста ги пренесува проблемите со кои живее оваа држава, не поврзувајки ги истите со социјалистичките апсурди на Николас Мадуро и Чавез пред него. Плус тоа, појавата на ликовите како Ципрас, Берни Сандерс и сличните на нив, само ја комплетираат целата слика, дека за жал, светот не ја научи лекцијата од претходната црвена мизерија.

Македонија нема да напредува со (про)социјалистичка влада која најавува големи даноци во името на „Општественото добро“ оневозможувајки ги фирмите да растат и создаваат работни места. Така се создаваат побогати политичари, а не „поефикасна социјала“. На Македонија и е потребен системот кој богатите земји ги претвори, од аграрно-рурални, во индустриски развиени, а тоа е либералниот капитализам, време во кое време државата трошела 4-5% до БДП (денес државите трошат над 40% од БДП). Време во кое индустриските пронајдоци и погони биле се побројни, а работната сила се побарана и се поскапа.