Свет 05. јануари 2021. / 22:13

Вечерва и утре ќе се утврдува кој ќе преземе контрола врз Сенатот во САД

Вечерва и утре ќе се утврдува кој ќе преземе контрола врз Сенатот во САД

Повторните избори за Сенатот во Џорџија и утрешната заедничка седница на американскиот Конгрес ќе ја одредат иднината на САД.

Доцна вечерва, најдоцна рано изутрина, по сумирањето на гласовите од денешното изјаснување ќе бидат познати имињата на двајцата нови сенатори од традиционално конзервативната Џорџија.

Исходот е особено важен бидејќи со него се утврдува кој ќе го има приматот во Сенатот, односно горниот дом на Конгресот.

За да ја преземат контролата врз него, демократите мора да ги добијат двете места. Со него сега доминираат републиканците кои имаат 50 сенатори, додека демократите имаат 48.

Во ситуација кога двете партии имаат ист број сенатори, одлучувачки при гласањето во Сенатот станува гласот на потпретседателот на САД. Тоа, по преземањето на должноста од страна на избраниот претседател Бајден значи мнозинство на страната на демократите, преку потпретседателката Камала Харис, која според американскиот Уставе го предводи Сенатот.

Демократите веќе имаа контролира врз Претставничкиот дом, па со мнозинството во Сенатот, Бајден има шанса да добие огромен и слободен простор за маневрирање и спроведување на политиките кои што ги ветуваше пред изборите.

Бајден им порача на бирачите од Џорџија дека „власта е во нивни раце“ и дека тие ја определуваат траекторијата по која ќе се движи Америка.

-Овие избори се можеби последната шанса да ја спасите Америка, таква каква што ја сакаме, рече Бајден од предизборниот собир во Атланта.

Втората ситуација која ќе влијае врз иднината на САД е утрешното заседание на Конгресот во Вашингтон на кое ќе се одвива последната фаза од прогласувањето на победата на Бајден на претседателските избори одржани на 3 ноември.

Наспроти досегашната формална процедура, во која двата дома само ги потврдуваат електорските гласови, десетици членови на Конгресот од партијата на Трамп најавуваат дека ќе ги оспорат резулатите од изборите.

Доналд Трамп и натаму одбива да го признае својот пораз, тврдејќи дека победата му била украдена со измама. Тој го повика актуелниот потпретседател Мајк Пенс кој го води Сенатот, да не го почитува протоколот и да не дозволи Бајден да биде прогласен за победник.

За утре во Вашингтон, Трамп закажа митинг на кој ги повика своите приврзаници да му се придружат во битката против, како што ја нарекува, „кражбата на изборите“.

Голем број негови симпатизери веќе се на пат кон американската престолнина.