Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) предупреди дека државите од Јужна Азија мора да продолжат со кампањите за вакцинирање на децата што се прекинати поради епидемијата на корона вирусот веднаш штом ќе се совлада пандемијата.
Причина за ваквиот апел на УНИЦЕФ е тоа што стотици илјади деца се изложени на ризик од разни заболувања.
Додека многу деца се чини дека не заболуваат од Ковид-19, здравјето на стотици илјади деца би можело да биде погодено со прекин на вакцинацијата – смета Џин Гоф, директорка на таа агенција на ОН во Јужна Азија, изразувајќи загриженост за таа сериозна закана.
Бангладеш и Непал прекинаа со кампањи за вакцинирање против сипаници и рубеола, додека Авганистан и Пакистан, две од трите земји во кои широко е распространета детска парализа, ја прекинаа вакцинацијата против болеста, предупредува УНИЦЕФ во соопштението.
Агенцијата на ОН препорачува владите во светот веднаш да почнат со планирање акции за вакцинирање кога пандемијата ќе биде под контрола.