Свет 17. април 2020. / 19:15

Унгарија соочена со масовно зголемување на епидемијата на корона вирусот

Унгарија соочена со масовно зголемување на епидемијата на корона вирусот

Претставничката на здравствените власти на Унгарија, Сесилија Милер, предупреди дека земјата наскоро може да се соочи со период на масовна зараза со корона вирусот и покрај фактот што досега, како што изјави, била успешна во исправање на кривата која го покажува растот на бројот на заразени.

Милер информира дека во моментот на болничко лекување има 847 пациенти, а 63 луѓе дишат со помош на респиратори.

Говорејќи за владината наредба болниците да испразнат дел од своите кревети за пациенти со корона вирус, Милер појасни дека само 15 проценти од креветите ќе бидат испразнети, затоа што вообичаено се зафатени од 65 до 70 проценти од болничките легла, кои вкупно ги има 66.000.

Таа истакна дека пациентите чија здравствена состојба може да се влоши со испуштање од болница, нема да бидат испратени дома.

Милер соопшти дека корона вирусот досега е регистриран во 12 од вкупно 1.035 домови за стари лица во земјата, а 31 лице во домовите починало.