Низ цела Европа, 102 лица се уапсени под сомнение дека предизвикале опасност за граѓаните и влијаеле на ширење на инфекцијатана коронавирус преку неправилно и незаконско управување со отпад.
Покрај тоа, запленет е имот вреден повеќе од 800.000 евра и изречени се прекршочни казни за повеќе од 819 компании или физички лица.
Инспекторите спроведоа скоро 280.000 инспекции на санитарен отпад и објекти за транспорт, кои беа клучни во запирањето на нелегалната трговија, складирање, отстранување на отпад и измама со документи.
Истрагите беа спроведени како дел од заедничката акција „Ретровирус“ спроведена од Европол во 30 земји на ЕУ и три во Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
Само во една компанија што работеше низ Шпанија и Португалија, 20 лица беа уапсени за „злосторства против животната средина, работнички права и јавно здравје“.
Полицијата ги смета за одговорни за фактот дека компанијата во која работеле не го стерилизирала доволно санитарниот отпад.
-Со цел да се зголемат профитите, тие го скратија времето на стерилизација и со тоа го загрозија јавното здравје, наведува Европол.
Најголемата акција беше спроведена во Португалија, каде беа извршени претреси во повеќе од 2.000 компании, болници и здравствени домови, уапсени се 30 лица, изречени се бројни прекршочни казни и запленет е имот во вредност од скоро 790.000 евра.
Проверки за транспорт на санитарен отпад беа извршени и низ ЕУ, а беа пронајдени илегални пратки во товарни пратки во Чешка, Полска, Романија и Словачка, кои потоа беа вратени во земјата од каде што беа испратени.
Европол наведува дека, од избувнувањето на пандемијата, се зачести незаконското третирање и отстранување на санитарниот отпад, поради што е започната операцијата „Ретровирус“.