Свет 18. јуни 2018. / 10:23

Турист се обидел да измами туристичка агенција, а потоа една фотка му ги расипала плановите (ФОТО)

Турист се обидел да измами туристичка агенција, а потоа една фотка му ги расипала плановите (ФОТО)

34-годишниот британски државјанин со азиско потекло, Џадеп Синг ќе мора да плати 10 илјади фунти на познатата британска туристичка агенција “TUI” како обесштетување, поради обид за измама.

Синг кој преку споменатата агенција бил гостин на венчавка во луксузното мексиканско одморалиште Канкун, тврдел дека заработил труење со расипана храна во еден тамошен хотел и тврдел дека дури три седмици боледувал. Од агенцијата побарал обесштетување, но бил разоткриен од негова селфи фотографија која што ја објавил на социјалните мрежи.

Тој заборавил дека на социјалните мрежи објавил фотографија, која според датумот на кој што била објавена, во тој период туристот требало да пати од силни болки. На фотографијата не изгледа како да има труење, односно насмеан е „од заби до заби“.

Сепак, судијата од Манчестер заклучил дека Синг се однесувал „крајно нечесно“, па пресудил тој да ѝ исплати обесштетување во висина од 10 илјади фунти на туристичката агенција која што се обидел да ја измами.

Ендру Флинтам, извршниот директор на “TUI” изјави дека нивна дожност е да ги заштитат партнерските хотели од лажни обвинувања.

Сличен пример агенцијата забележала неодамна кога друг 23-годишен британски турист, Лиам Ројл тврдел дека се затрул со храна во еден хотел во Кипар, исто така барајќи обесштетување од агенцијата.

Но, неговата девојка признала дека тој лажел, па така било досудено дека поради обид за измама, мора на агенцијата да ѝ плати 6 илјади фунти обесштетувања.