Турски суд денес одби да го укине притворот на американскиот свештеник обвинет за „тероризам и шпионажа“ во процесот кој предизвика тензии во односите на Анкара и Вашингтон, јавува државната агенција Анадолија. Адвокатот на свештеникот Ендрју Брансон побара во понеделникот неговиот клиент да биде пуштен на слобода сѐ додека не биде укината забраната за напуштање на турската територија, но судот во Измир денес го одби барањето.
Американскиот свештеник е во домашен притвор од минатата среда откако повеќе од година и пол мина во затвор. Брансон беше уапсен во октомври 2016 во рамки на чистките по неуспешниот државен удар во јули истата година.
Турските власти го обвинуваат дека дејствувал во корист на мрежата на имамот Фетула Ѓулен на кого Анкара му го препишува неуспешниот пуч, што тој го негира. Анкара за пучот ја обвинува и Курдската работничка партија (ПКК).
Турските власти сметаат дека тие две организации се „терористички“.
Свештеникот Брансон, кој веќе дваесетина години живее во Турција каде пред апсењето водеше протестантска заедница во Измир, решително ги негира обвинувањата.
Поради овој случај се влошија односите меѓу Анкара и Вашингтон, а американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати побара свештеникот да биде пуштен на слобода.
Тензиите дополнително се влошија минатата недела кога Трамп и неговиот потпретседател Мајк Пенс ја предупредија Турција на „тешки санкции“ доколку не го ослободи Брансон.
Американските закани се „целосно неприфатливи“, изјави денес портпаролот на Турскиот претседател Ердоган Инбрахим Калин. Калин кажа дека Анкара ќе „возврати со противмерки“ ако Соединетите Држави ги остварат своите закани со санкции но дека очекува двете земји да ги решат разликите со дипломатија.
Калин најави дека министрите за надворешни работи на Турција и САД ќе разговараат неделава во Сингапур и напомена дека сегашните тензии меѓу двете земји не треба да влијаат врз заедничките операции на турските и американските војници во Манбиџ на северот на Сирија.