Свет 19. ноември 2019. / 19:07

Тупураинен: Денеска не разговаравме за францускиот предлог

Тупураинен: Денеска не разговаравме за францускиот предлог

Проширувањето останува жив процес, порачаа министрите на ЕУ од состанокот во Брисел. Реформата на методологијата предложена од Франција ќе ја чека новата Европската Комисија.

Прв пат по француското вето, Брисел се наврати на проширувањето. Но, освен реафирмативните пораките дека процесот за Македонија и Албанија останува жив, на денешниот Совет на општи работи не се донесоа никакви формални заклучоци. На маса не се најде ниту францускиот „нон-пејпер“, кој треба да го трасира новиот пристап на преговарање. Финската министерка за Европа, актуелен претседавач со Европската Унија, појасни дека до формирањето на новиот состав на Европската Комисија следниот месец, практично рацете на земјите членки се врзани за какви било официјални предлози.

Денеска не разговаравме за францускиот предлог. Секако дека го слушнавме предлогот, има земји кои го поздравија, а има и земји кои изразија загриженост. Заедничка позиција е дека ќе треба ја почекаме новата Комисија да го почне мандатот што поскоро, изјави Тити Тупураинен, министерка за Европа на Финска

Франција и денеска цврсто застана на ставот дека актуелниот модел на преговарање е нефункционален и оти е неопходна реформа на процесот. Министерката за Европа, Де Моншален ги отфрла критиките дека Париз преку ноќ одлучил да ги смени правилата. Вели искуствата на проширување од минатото покажаа дека мораме да го приближиме нивото на земјите – кандидатките со она државите – членки не само во правниот, туку и од економски, социјален и културен аспект.

Ние не ги менуваме правилата среде игра што започнала. Гледаме дека процесот не функционира затоа што е екстремно бавен за тие кои учествуваат во него. Процесот не е политички раководен, има автоматизам и народите пред се не се пронаоѓаат во него. Гледате колкава емиграција има, колкав одлив на мозоци од Србија, Црна Гора, а пред нив и од Бугарија, Романија и Хрватска кога преговараа., Амели де Моншален, министерка за Европа на Франција.

Според најавите од Париз, новата методологија треба да биде финализирана најдоцна до март догодина, за што треба да има консензус од сите 28 земји членки. Францускиот нон – пејпер предвидува своевидна преговарачка нишалка – од една страна процес на реверзибилност, кој може да ја врати неколку чекори назад земјата – кандидат и од друга страна, низа поволности, како пристап до структурните фондови и столче во Брисел во областите, во кои е евидентиран напредок.