Свет 25. јануари 2020. / 21:57

Тројца Французи и еден Ирачанец, членови на невладина организација, се исчезнати во Багдад

Тројца Французи и еден Ирачанец, членови на невладина организација, се исчезнати во Багдад

Четворица „искусни“ соработници на француската невладина организација „СОС Кретјан д’ориент“ (Источни христијани), од кои тројца Французи и еден Ирачанец, се водат за исчезнати од понеделникот во Багдад и се уште не е добиено барање за откуп или преземање на одговорноста, објави невладината организација на својата интернет страница.

Четворицата исчезнале во близина на Француската амбасада во центарот на градот, извести Бенжамин Бланшар, генералниот директор и ко-основач на невладината организација, која помага на ова верско малцинство, жртва на насилно прогонство во регионот.

Организацијата два дена залудно се обидувала да стапи во контакт со нив пред да ги извести француските власти. Идентитетите на четворицата исчезнати не се обелоденети од безбедносни причини.

– Тие беа таму за да ги обноват своите визи и да го регистрираат здружението пред ирачките власти – изјави директорот, додавајќи дека СОС Кретјан д’ориент бил официјално регистриран пред автономната регионална влада на Курдистан, но сè уште не пред сојузната влада во Багдад.

Француското Министерство за надворешни работи не излезе со коментар, освен Француската амбасада во Ирак од каде известуваат дека француските и ирачките власти се координираат за да ги испитаат и да ги пронајдат трагите на исчезнатите.

„СОС Кретјан д’ориент“ се претставува како хуманитарно здружение, кое им помага на христијаните на Истокот, жртви на прогонство, особено под влијание на самопрогласениот калифат на терористичката организација Исламска држава.

Според веб-страницата на организацијата, таа ја извршила својата прва мисија во Сирија во 2013 година, а потоа во Ирак во април 2014 година, пред истата година во Багдад да отвори постојана мисија.