По избувнувањето на корона-пандемијата, три земји брзо ја добија битката против вирусот. Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја успешно се спротивставија на епидемиолошката закана, пренесе телевизијата Си-ен-би-си, повикувајќи се на експерти .
Во време кога другите земји продолжуваат да ги заоструваат мерките и наметнуваат ограничувања за да го спречат ширењето на коронавирусот, жителите на Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја почнуваат да се враќаат во нормален живот.
Со придвижувањето на економијата во денешното опкружување, овие три земји станаа магнети за инвеститорите, со што ги зајакнаа и националните валути. Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја ги надминаа Соединетите Американски Држави во брзината на закрепнување на пазарот.
„Фактот дека овие земји се подготвени да ги започнат своите активности по ефикасното справување со Ковид-19, значи дека тие се пред САД во однос на економското закрепнување, што е позитивно за нивните валути“, пренесува Си-ен-би-си.
Исто така, се истакнува дека Азија била поефикасна во контролата на вирусот отколку САД и Европа.
Во моментов, ситуацијата во овие три земји е значително различна од ситуацијата во многу други земји во светот.
Додека САД имаат скоро еден милион заразени со коронавирусс и 56.000 смртни случаи, вкупно 6.721 лица се заразени во Австралија, а пријавени се 83 смртни случаи.
Во Нов Зеланд потврдени се 1.472 случаи на коронавирус и починале 19 лица, додека во Јужна Кореја се пријавени 10.761 случаи на Ковид-19, а 246 лица починале.