Свет 05. ноември 2018. / 13:04

Трамп: Сенатот е главниот фокус во оваа кампања, мислам дека добро стоиме

Трамп: Сенатот е главниот фокус во оваа кампања, мислам дека добро стоиме

Претседателот на САД Доналд Трамп интензивно учествува во изборната кампања за Конгресот во обид да ги придобие гласовите за републиканците.

Трамп изјави дека неговиот фокус пред се е ставен врз изборите за Сенатот, навестувајќи дека не е голем оптимист по повод можноста републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот. Американците во вторник ќе избираат 435 конгресмени и третина од членовите на Сенатот.

Според акетите за јавното мислење, демократите ќе успеат да освојат уште 23 места што им се потребни за да имаат мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, што ќе им овозможи да ја задушат законодавната агенда на Трамп и да ја заострат контролата врз неговата администрација.

Републиканците пак се насочени кон тоа да го задржат своето мнозинство во Сенатот, во моментов на две места, што ќе им дозволи да ја задржат моќта при изборот на Врховниот суд и врз другите судски номинации.

Трамп изјави дека во текот на оваа кампања тој се фокусирал врз Сенатот.

„Мислам дека добро ќе минеме на изборите за Претставничкиот дом. Но, како што знаете, мојот примарен фокус е врз Сенатот и мислам дека навистина добро стоиме за изборите за Сенатот“, изјави Трамп, напуштајќи ја Белата куќа за да учествува на два изборни митинга во Џорџија и Тенеси.

Во последната фаза на кампањата, Трамп ја заостри својата реторика за имиграција, вклучувајќи и предупредувања за караваните на мигранти кои се упатија кон границата на Мексико со Соединетите држави.

Во изборната кампања од страна на демократите интензивно се вклучи и поранешниот претседател Барак Обама.

Тој во Чикаго, потсетувајќи се на десет годишнината откако беше избран за претседател, наведе дека се гласа за карактерот на земјата.

„Можете да гласате за она што може да бидат најважните избори на нашите животи, можеби и поважни од 2008 година, бидејќи Америка е на крстопат токму сега. Постои натпревар на идеи што се случува токму сега, за тоа кои сме и каква земја ќе бидеме“.

Според Изборниот проект на Универзитетот во Флорида, кој го следи одѕивот на гласачите, до неделата скоро 34,4 милиони луѓе предвремено гласаа.

Тоа е за 67,8 повеќе од предвремените гласови во текот на целата 2014 година, односно претходните избори за Претставничкиот дом и Сенатот.