Актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, повика во Белата куќа да дојдат неколкумина републиканци од Мичиген кои треба да објаснат зошто биле спорни изборите во оваа сојузна држава.
Станува збор за лидерот на сенатското мнозинство во Мичиген Мајк Ширки, и спикерот на Претставничкиот дом Ли Чатфилд. Тие треба да пристигнат во Белата куќа утре попладне и да претстават докази за наводни нарушувања на изборниот процес во оваа сојузна држава.
Поканата на републиканските законодавци во Белата куќа е последен обид и најдрзок обид во салвата кампањи што Трамп и неговите сојузници ја активираа за да се посее сомнеж во победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, пишува Њујорк тајмс.
Иако кампањата на Трамп досега не доби ниту еден судски спор за оспорување на резултатите, оттаму сè уште се надеваат на поништување на сертификацијата на резултатите од гласањето во повеќе окрузи низ САД, во градови како Детроит, Филаделфија, Милвоки или Атланта, каде што Бајден доби десетици илјади гласови во негова полза, и во големите и политички моќни афроамерикански заедници.
Денеска на оваа тема прес конфернеција одржа Руди Џулијани, адвокат на Трамп и најистурен човек во кампањата за поништување на изборите во САД.
Трамп, пак, ретко се појавува во јавноста по 3 ноември. Во неговиот дневен распоред речиси нема настани и покрај влошената ситуација со коронавирусот во земјата.