Свет 22. ноември 2019. / 13:40

Трамп најави испраќање дополнителни воени единици во Саудиска Арабија

Трамп најави испраќање дополнителни воени единици во Саудиска Арабија

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да го зголеми бројот на трупи во Саудиска Арабија и да распореди ново оружје – две ескадрили ловци, ракетни системи и радари.

Трамп во писмото испратено до американскиот Конгрес наведува дека САД во следните недели ќе испрати дополнителни единици во Саудиска Арабија со цел да ги заштити нафтените објекти.

Според воените експерти, со распоредувањето оружје и со зголемувањето на бројот на американски војници Трамп сака да покаже дека САД имаат важна улога на Блиски Исток и оти се гаранти на безбедноста во регионот. Сепак, аналитичарите додаваат дека Хутите не претставуваат сериозна закана и оти Саудиска Арабија сама може да се одбрани од нивните напади.

Воените аналитичари оценуваат дека САД го зголемуваат военото присуство во Саудиска Арабија со цел да можат да одговорат на секоја ситуација на Блиски Исток.

Експертите предвидуваат дека Вашингтон дополнително ќе го зголеми притисокот врз Техеран, но оти ситуацијата во Персиски Залив и понатаму останува тешка. Во оваа фаза се исклучува можноста од воена операција на САД против Иран, но тоа може да се случи во иднина, со оглед на тоа што притисокот на Пентагон е голем, а американските корпорации се многу заинтересирани за иранската нафта.