Свет 11. декември 2019. / 11:24

Трамп ја предупреди Русија да не се меша во изборите во САД

Трамп ја предупреди Русија да не се меша во изборите во САД

Во текот на средбта со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, американскиот претседател Доналд Трамп ја предупредил Русиај да не се обидува да се меша во изборите во САД и ја повикал да се реши судирот со Украина, соопшти Белата куќа.

Со Лавров разговарал и американскиот државен секретар Мајк Помпео кој истакнал дека е неприфатливо какво било странско мешање во американските избори и на Русија и другите земји им порачал дека администрацијата на Трамп ќе го заштити интегритетот на гласањето.

На прес конференцијата со својот руски колега, со кого во Стејт департментот разговараше за контролата во вооружувањето, за Украина, Сирија и Венецуела, Помпео нагласи дека администрацијата на Трамп ќе го спречи мешањето во изборите.

 – Јасно кажав дека тоа е неприфатливо и на Русија јасно и ги изнесов нашите очекувања. Администрацијата на Трамп секогаш ќе работи на заштитата на интегритетот на изборите – нагласи Помпео.

Непосредно пред средбата со Трамп во Белата куќа Лавров повторно ги отфрли обвинувањата дека Русија се мешала во американските претседателски избори во 2016 година.

Лавров истакна дека Русија сакала да се објават детали од комуникацијата со Вашингтон која, како што наведе, ќе ја ослободела Русија од обвинувањето дека се меша во изборите, но дека САД тоа го блокирале.

Во соопштението на Белата куќа се наведува и дека американскиот лидер ја нагласил својата поддршка за ефикасна глобална контрола во вооружувањето која не ја вклучува само Русија, туку и Кина.