Во говорот за Националната асоцијација за оружје (НРА) во петокот, Трамп го имитираше убивањето на жртвите во Париз и рече дека да биле вооружени цивилите, „тоа ќе беше сосема друга приказна“.
Француската влада поради тоа му упати најсилни критики на Трамп откако ја презеде функцијата, а еден од министрите го повика да се извини, во време кога претседателот Емануел Макрон се обидува да ги засили билатералните односи по државната посета.
Франција го изразува своето силно несогласување со коментарите на претседателот Трамп за нападите во Париз на 13 ноември 2015 година и бара да се почитува споменот на жртвите“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи. „Франција е горда што е земја во која набавката и носењето оружје се строго регулирани“.
„Имаа време да ги убиваат еден по еден. Дојди тука – бум! Дојди тука – бум! Дојди тука – бум!“, имитираше Трамп како терористите ги убивале жртвите.
Трамп, кој треба да ја посети Велика Британија на 13 јули, на членовите на НРА им рече дека „некогаш престижната“ болница во Лондон, која не сакаше да ја именува, била преплавена со жртви од напади со нож.
„Тие немаат огнено оружје. Имаат ножеви и поради тоа подовите на оваа болница се покриени со крв“, рече тој. „Велат дека е лошо како во болница во воена зона. Ножеви, ножеви, ножеви, ножеви“, рече Трамп, правејќи потези како бодење со нож.
Британската влада го забрани поседувањето оружје во Англија, Шкотска и Велс по пукањето во училиште во 1996 година.