Претседателот на САД, Доналд Трамп, го покани унгарскиот премиер Виктор Орбан на работен состанок кој треба да се одржи на 13 мај, објави денеска официјална Будимпешта.
На состанокот во Вашингтон ќе се зборува за прашања како што се енергетската безбедност, одбранбената соработка, билатералните односи и регионалната безбедност, напиша на „Твитер“ портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач.
Во јули 2016 година, Орбан стана првиот национален лидер во рамки на Европската унија кој го поддржа Трамп во изборната кампања во САД, пренесува агенцијата АП.
Откако се врати на власт во 2010 година, Орбан се соочуваше со остри критики од страна на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама поради слабеењето на демократијата и владеењето на правото, вклучително и за време на посетата на поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, на Будимпешта.
Во последниве неколку месеци има пресвртна точка во односите меѓу САД и Унгарија, отелотворени, на пример, во билатералниот договор за соработка во одбраната кој беше потпишан на почетокот од април и претходните најави за плановите за Унгарија да купи американски ракети со среден дострел со цел да се подобри воздушната одбрана на земјата, соопшти агенцијата.