Трамп ги повлекува САД од нуклеарниот договор со Иран и ги враќа санкциите. „Иран е најголемиот светски спонзор на тероризам. Техеран лажеше, имам докази“, ќе каже Трамп.
„Денеска објавувам дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран. За неколку моменти, ќе го потпишам претседателскиот меморандум, да почнеме со враќање на санкциите за нуклеарната програма, врз иранскиот режим“.
Но, технички гледано, одлуката на Трамп не значи откажување или напуштање на нуклеарниот договор, затоа што топката се префрлува во американскиот Конгрес.
Сепак, фактички е излегување од договорот кој пред 2 години го постигна Обама, и кој за Трамп е најлошиот договор во историјата.
Во реалноста, Трамп на секои 3 месеци изјавува пред Конгресот дали Иран го почитувал или не договорот и дали санкциите кон Техеран остануваат замрзнати.
Критериумите за таквата одлука се четири, три објективни: целосна имплементација на договорот од страна на Иран, непрекршување на договорот, и отсуство на акции за тајна нуклеарна програма. Сите овие параметри досега се почитувани, како што потврдуваат атомската агенција и ООН.
Но, постои и еден субјективен критериум на кој Трамп се повикува, односно, проценката дали договорот останува во интерес на САД. И токму тука Трамп ја игра својата карта, дека Иран го прекршил „духот на договорот“, на полето на развојот на балистички ракети, човекови права, и поддршката за Асад во Сирија.
Како што беше очекувано, Трамп се повика на доказите на Израел, кои Бенџамин Нетанјаху ги презентираше пред недела дена, дека Техеран развива таен нуклеарен програм.
„Денеска имаме дефинитивни докази дека ветувањето на Иран било лага. Минатата недела Израел објави разузнавачки документи, долго време криени од Иран, кои дефинитивно ја покажуваат историјата на иранскиот режим и нивната потрага по нуклеарни оружја. Вистината е дека ова беше ужасен, едностран договор, кој не требаше никогаш, никогаш да се постигне. Не донесе смиреност, не донесе мир, и никогаш нема“.
На потег е Конгресот, кој има 60 дена да одлучи дали договорот и дефинитивно ќе доживее крај. Постојат четири можни сценарија:
Да се воведат сите или некои од санкциите што се однесуваат на нуклеарната програма, нешто што за Иран би значело прекршување на договорот.
Нови санкции кои не се однесуваат на нуклеарната програма. И то би значело кршење на договорот.
Менување на нормата каде претседателот реферира пред Конгресот за договорот. Така Трамп би го спасил образот и договорот би се зајакнал.
И последно, Конгресот да не одлучи ништо, договорот останува на сила, а на Трамп му останува неговото манифестирано непријателство кон Иран, без влијание на договорот и останатите негови потписници.
На самиот крај, Трамп арогатно заклучи дека иранскиот режим самиот ќе моли за нов и долгорочен договор, и дека тој останува отворен за такво сценарио.
Трамп најави и дека новиот државен секретар Мајк Помпео е на пат за С. Кореја да ја потготви неговата средба, и дека очекува да постигне договор кој ќе гарантира иднина со мир за сите.
Последен пат кога еден државник најави договор за мир за сите времиња, британскиот премиер Чембрлен, се случи втората светска војна.