Индонезиските власти продолжиле со потрагата по преживеани откако траект со најмалку 80 патници потонал поради лошите временски услови во езерото Тоба, популарна туристичка дестинација во северна Суматра. Се проценува дека 18 лица биле спасени и потврдено е дека еден патник загинал откако траектот вчера потонал.
Не е познато дали има странци меѓу исчезнатите патници. “Потрагата започна во 7 наутро. Условите се подобри од вчера”, рекол службеник на индонезиското министерство за сообраќај Сри Харданто. Рекол дека се проценува дека на траектот имало 80 луѓе, но дека службите работат да го потврдат тој број.
Од Националната агенција за несреќи рекле дека постојат непотврдени информации дека на траектот, кој бил зафатен од високи бранови и силни ветрови, имало повеќе од 130 луѓе. Видео снимките од агенциите покажуваат луѓе на друг траект, кои фрлаат појаси за спасување на неколку луѓе во водата.
Други два траекти и дрвен брод биле вклучени во напорите за спасување. Несреќите со траекти се чести во Индонезија, посебно во текот на исламските празници, кога милиони луѓе патуваат низ земјата, преку море или воздух до своите родни места, по светиот пост.
Брод кој пренесувал околу 43 лица потонал минатата недела кај островот Сулавеси при што загинале 13 луѓе, а брзиот брод на кој имало 30 патници потонал кај Јужна Суматра, кога загинале најмалку двајца патници.