Организаторите на Летните Олимписки игри во Токио што требаше да се одржат оваа година, а поради пандемијата се одложени за следното лето објавија дека поместувањето на терминот ќе ги чини три милијарди долари.
Организацискиот комитет на Игрите во координација со владата на Јапонија ќе бара решение како да се санираат финансиските штети, а се очекува и исполнување на ветувањето од страна на Интернационалниот олимписки комитет кој најави дека ќе помогне во покривањето на огромните трошоци.
Во текот на неделава се очекува објавување на протоколот за безбедност на учесниците во натпреварувањата, а ќе се објави и буџетот за негово спроведување за кој се претпоставува дека би чинел околу една милијарда долари.
Со пролонгирањето на терминот на одржување на Игрите драстично се зголемија трошоците на организаторот кој во март непосредно пред одлуката за поместувањето на почетокот на ОИ за 12 месеци сумата изнесуваше 12 милијарди долари и се проценува дека таа во следниот период ќе се зголеми и според проекцијата би изнесувала меѓу 17 и 20 милијарди.