Британската премиерка Тереза Меј попушти под притисокот на поддржувачите на брегзитот во нејзината Конзервативна партија прифаќајќи ги нивните промени на прелогот за царински закон кои го зацврстуваат британското одвојување од Европската Унија.
Меј, која е ранлива во парламентот откако го изгуби мнозинството на изборите минатата година, се најде под притисок на двете крила на нејзината партија поради планот за излегување од ЕУ кој една министерка го прогласи за најлошиот можен.
Евроскептичните пратеници го нападнаа предлогот за царинскиот закон на нејзината влада барајќи порешителен брегзит, но наместо да се соочи со нив и да ги зајакне тензиите, нејзиниот портпарол објави дека владата ги прифаќа сите четири нивни амандмани.
Според портпаролот, промените само ја претвораат владината политика во закон, но тоа е еден вид победа на пратениците кои тврдат дека Меј ги предала околу брегзитот, најголемиот пресврт во британската надворешна и трговска политика во последните децении.
„Ќе ги прифатиме тие четири амандмани“, изјави портпаролот додавајќи дека владата верува дека тие се во согласност со „белата книга“, односно политиките околу кои министрите се договорија овој месец.
„Ќе ги прифатиме тие амандмани бидејќи веруваме дека се во согласност со пристапот што го утврдивме и договоривме во Чекерс“, кажа тој.
Меј беше приморана силно да се бори со министрите во летната премиерска резиденциј во Чекерс за својата визија на идните односи на Британија со ЕУ, но ја поткопаа минатонеделните оставки на министерот за брегзит Дејвид Дејвис и министерот за надворешни односи Борис Џонсон.
Планот, кој е само почетен став за втората фаза на преговорите со ЕУ, го нападнаа евроскептичните парламентарци кои тврдат дека предлогот за одржување тесни царински врски со ЕУ е предавство на нејзиното ветување за јасно пресекување на односите со Унијата.
Вчера другото крило на нејзините конзервативци, пратениците кои по брегзитот сакаат да одржат најтесни можни врски со ЕУ, прозборе преку поранешната министерка за образование Џастин Грининг, која повика на одржување уште еден референдум.