Американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон, вчера телефонски разговараа, за првпат откако Бајден ја презеде функцијата во САД, минатата недела.
-Во разговорот, Бајден изразил желба да ги зајакне билатералните врски, соопшти Белата куќа.
Британските медиуми пренесуваат дека Бајден ја потенцирал неговата посветеност на зајакнување на трансатлантските односи преку НАТО и американското партнерство со Европската унија.
Во изјавата на Елисејската палата се наведува дека францускиот претседател Макрон и Бајден забележале големо поклопување на ставовите за главните меѓународни прашања.
-Макрон и Бајден ги договориле ставовите за борбата против коронавирусот во рамките на Светската здравствена организација, како и за климата по враќањето на САД на меѓународниот договор за климатски промени, додаде француското претседателство.
Претседателите изразиле и желба да работат заедно за да се постигне мир на Блискиот исток, како и да се реши прашањето за иранската нуклеарна програма.