Свет 20. август 2018. / 09:45

Талибанците денеска во заседа киднапирале повеќе од 100 луѓе

Талибанците денеска во заседа киднапирале повеќе од 100 луѓе

Талибанците денеска во заседа во северниот дел на Авганистан киднапирале повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи деца и жени, информираат официјални лица од таа земја.

Киднапирањето се случило и покрај повикот на претседателот на Авганистан Ашраф Гани за примирје за време на муслиманскиот празник Еид ал- Ада.

Шефот на регионалната влада во провинцијата Кундуз, Мухаменд Јусуф Ајуби изјави дека бунтовниците запреле три автобуси во регионот Кан Абад и ги киднапирале патниците.

Ајуби наведе оти верува дека талибанците барале вработени во владата и припадници на безбедносните структури.

Шефот на соседната провинција Тахар, Абдул Рахман Акташ рече дека луѓето во автобусите биле од провинцијата Тахар и Бадахшан, кои патувале во Кабул.

Талибанците не го коментираа инцидентот, но подрачјето во кое се случило киднапирањето е под нивна контрола.