Свет 11. декември 2020. / 16:18

Тајванската Влада забрани емитување на прокинески канал поради лажни вести

Тајванската Влада забрани емитување на прокинески канал поради лажни вести

Водечкиот прокинески кабелски канал ќе престане да ја емитува својата програма во Тајван на полноќ, откако тајванската Влада одби да ја обнови дозволата за емитување, а како причина ги наведе проблемите со неточни информации.

Националната комисија за комуникациски мрежи на Тајван соопшти дека лиценцата на CTiTV е одбиена поради повеќекратно кршење на правилата за точно известување.

Каналот во изминатите шест години е казнет 25 пати за ширење неточни информации.

Сопственик на каналот е медиумската група „Вант Вант Чајна Тајмс” ( „Want Want China Times”), која издава и еден од најголемите тајвански весници.

Како што пренесуваат странските агенции, медиумската група, која во своите медиуми има пријателски наклонети содржини за Пекинг, поради деловниот интерес за Кина, безуспешно се обиде да поднесе жалба и ја обвини тајванската Влада за загрозување на слободата на медиумите.

Репортери без граници во соопштение наведува дека одлуката не е спротивна на слободата на медиумите, но изрази жалење за нејзиното влијание врз вработените во каналот.

На веб страницата на каналот денеска е емитуван банер со содржина: „Мора да имаме неограничена поддршка за слободата на медиумите”.