Тајните служби на САД и на Германија, со помош на швајцарска фирма од областа на безбедноста на комуникациите, со години шпионирале скоро сто држави во светот, пренесуваат Франс прес и ДПА. Агенциите се повикуваат на истражување на „Вашингтон пост“ и на германската телевизија Це-Де-Еф.
По Втората светска војна компанијата „Крипто АД“ станува лидер на пазарот на производи, што ја гарантираат безбедноста во комуникациите. Таа ги продава своите производи во над 12о држави во светот.
Меѓу клиентите на „Крипто АД“ се „Иран, воените режими во Латинска Америка, Индија, Пакистан, па дури и Ватикан“, пишува „Вашингтон пост“. Компанијата е тајно купена од американската ЦИА во 1970 година во рамките на партнерството со германската служба за надворешно разузнавање БНД. Германската служба се повлекла од проектот во почетокот на 90-тите години, но ЦИА продолжила да ги користи услугите на швајцарската компанија до 2018 година.
Со помош на производите на швајцарската компанија, американските тајни служби добивале пристап до информации на владите од Блискиот Исток, Латинска Америка и во други држави во светот, почнувајќи од заложничката криза во Иран во 1979 година, па до либискиот атентат во берлинската дискотека во 1986 година.
Советскиот сојуз и Кина не купувале производи од „Крипто АД“, што ги исклучило од шпионските активности на компанијата, пишува ДПА.
Швајцарското министерство за одбрана изјави дека владата во Берн одлучила да започне истрага за случајот. Компанијата била ликвидирана во 2018 година.