Свет 25. март 2020. / 22:36

СЗО: Земјите кои го ставија населението под блокада, да го искористат времето да го нападнат вирусот

СЗО: Земјите кои го ставија населението под блокада, да го искористат времето да го нападнат вирусот

Ггенералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебрејесус, им порача на земјите кои го ставиле под блокада своето население за да го спречат ширењето на корона вирусот треба тоа време да го искористат за да го „нападнат вирусот“.

И во минатото надминавме многу пандемии и кризи. Ќе ја надминеме и оваа – изјавил Тедрос на брифинг со медиумите, се наведува на сајтот на СЗО.

Тој истакнал дека со барањето луѓето да останат во своите домови и со запирање на движењето се купува време и се намалува притисокот врз здравствените системи, но нагласил дека „сами по себе тие мерки нема да ја згаснат епидемијата“.

Во тој контекст, тој укажал на шест клучни акции што СЗО ги препорачува земјите да ги преземат.

Прво, да обучат, распоредат и да го зголемат бројот на здравствени работници и да применат систем за откривање на секој сомнителен случај. Исто така, тој наведува дека е потребно да се зголеми производството, капацитетот и можноста за тестирање и да се идентификуваат, прилагодат и опремат установите што ќе користат лекување и изолација на пациентите.

Како петта акција, тој наведува дека државите треба да развијат јасен план и процес за ставање во карантин на оние кои биле во контакт, а како шеста дека треба целото владино внимание да се насочи кон сузбивање и ставање под контрола на Ковид-19.

Овие мерки се најдобриот начин да се сузбие и запре преносот и да не дојде до повторно заживување на вирусот, кога санкциите ќе бидат укинати. Последната работа што и треба на било која земја е отворање на училиштата и компаниите, само за да се присили повторно да ги затвори заради заживување на вирусот – наведе Тедрос.