Свет 23. јули 2020. / 19:30

СЗО: Првите вакцинации против Ковид-19 не треба да се очекуваат пред првата половина на 2021 година

СЗО: Првите вакцинации против Ковид-19 не треба да се очекуваат пред првата половина на 2021 година

Истражувачите остваруваат „добар напредок“ во развивањето на вакцината за Ковид 19, но првите вакцинации не можат да се очекуваат пред првата половина на 2021 година, изјави експертот на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.

СЗО работи на обезбедување фер дистрибуција на вакцината, но во меѓувреме е клучно да се спречи ширењето на вирусот, рече Рајан задолжен за итни ситуации во СЗО, со оглед дека светските рекорди бележат дневно зголемување на бројот на нови инфекции.

„Остваруваме добар напредок. Неколку вакцини се во третата фаза на тестирање и ниту една досега не се покажала како неуспех, во смисла на безбедност или можност за зајакнување на имунолошкиот одговор“, рече Рајан.

Според него реално, пред првиот дел од следната година, луѓето нема да бидат вакцинирани.

„СЗО работи на проширување на пристапот до потенцијалната вакцина и помага да се зголеми производствениот капацитет. Треба да бидеме искрени. Вакцините за оваа пандемија не се за богатите, не се за сиромашните, тие се за секого“, рече Рајан.

Вакцината за Ковид-19 се смета за клучна во контролата на пандемијата, така што владите ширум светот потпишаа договори со различни фармацевтски компании за да ги обезбедат потребните дози на најнапредниот кандидат за вакцината.