Свет 23. јануари 2020. / 19:11

СЗО предупреди дека коронавирусот се шири многу полесно и побрзо од очекуваното

СЗО предупреди дека коронавирусот се шири многу полесно и побрзо од очекуваното

Од Светската здравствена организација (СЗО) предупредија дека коронавирусот што првпат беше регистриран во кинескиот град Вухан, од кој веќе починаа 25 луѓе, многу полесно се пренесува од човек на човек отколку што претходно се предвидувало.

Досега од коронавирусот заразени се повеќе од 700 луѓе.

– Сега веќе гледаме ширење на втората и третата генерација – посочи Дејвид Хејман од СЗО.

Пренесувањето на трета генерација значи дека некој што бил инфициран додека работел со животните на пазарот во Вухан, вирусот го пренел на друго лице, кое пак заразило трет човек.

Првенствено се мислеше дела коронавирусот се шири само преку многу близок контакт, како прегратка, бакнување или користење на заеднички прибор за јадење.

– Се собираат докази дека вирусот може да се шири и на далечина, на пример ако заразено лице кивне или кашла пред друг човек. Засега немаме докази дека вирусот се шири преку воздух како грипот – посочи Хејман.