Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус ги предупреди африканските лидери за претстојното зголемување на бројките на заразени со корона вирус на континентот.
За време на телефонска конференција со неколку шефови на држави ги повика африканските земји да отворат хуманитарни коридори за за да овозможат снабдување со неопходна медицинска опрема.
Бројот на заразени со корона вирусот во Африка досега изнесува 7.741 од кои се починати 313 луѓе, а 640 оздравеле, соопштија од Африканската унија.
Дури 50 од 54 земји во Африка се погодени од пандемијата.
Најголем број пациенти се регистрирани во Северна Африка, каде што заразени со вирусот се 3.280, а починале 217 луѓе. Индивидуално, во Алжир се пријавени 986 случаи на инфекцијата и 83 смртни случаи, 985 случаи и 66 смртни случаи има во Египет, додека во Мароко се забележани 791 заразени и 48 смртни случаи.