Свет 20. ноември 2020. / 09:53

СЗО советува Ремдесивир да не се користи за лекување на заболените од Ковид-19

СЗО советува Ремдесивир да не се користи за лекување на заболените од Ковид-19

Светската здравствена организација ги ажурираше упатствата за лекови кои треба да се користат во третманот на пациенти заболени со коронавирус.

Тие советуваат антивирусниот лек Ремдесивир да не се користи за лекување на хоспитализираните, без оглед колку е тешка нивната состојба.

Оваа препорака доаѓа еден месец откако Управата за храна и лекови на САД (ФДА) го одобри Ремдесивир за третман на пациентите заболени со коронавирус.

Лекот стана првиот третман против коронавирус што добил одобрение од ФДА, но не и препорака од Светската здравствена организација (СЗО).

Причината зошто СЗО е претпазлива е истражувањето кое првично укажа на некаква корист на лекот во борбата против коронавирусот, но откако беа собрани повеќе информации се открива дека нема доволно докази за неговата ефикасност.

Препораката против Ремдесивир беше дадена врз основа на податоци од четири испитувања со вклучени 7.333 хоспитализирани лица со коронавирус, лица кои веќе се излекувани и 24 експерти.

„Фактот што овој антивирусен третман покажа одредена корист во некои случаи беше доволен за луѓето да го користат затоа што немаме доволно алатки за борба против коронавирусот, но мислам дека Ремдесивир наскоро ќе биде заменет со нов третман“, рече Амеш Адалја, научник на Универзитетот Џон Хопкинс.