Свет 07. април 2020. / 11:47

СЗО: На светот му недостасуваат 5,9 милиони медицински сестри

СЗО: На светот му недостасуваат 5,9 милиони медицински сестри

На светот му недостасуваат 5,9 милиони медицински сестри и тоа се чувствува исклучително во актуелната ситуација на пандемија од корона вирусот, се вели во извештај на Светската здравствена организација.

Според изнесените податоци, во светот има малку под 28 милиони медицински сестри. Од 2013 до 2018 година нивниот број е зголемен за 4,7 милиони, но сепак недостасуваат 5,9 милиони, а најмногу во Африка, Југоисточна Азија и во земјите од источниот дел на Средоземното Море, како и во низа држави од Латинска Америка.

Државите што се соочуваат со овој проблем, според СЗО, треба да го зголемуваат бројот на образовани медицински сестри во просек за 8% годишно. Ова би чинело приближно 10 долари по глава на жител годишно.

-Политичарите знаат колку чини образованието и задржувањето на професионалните медицински сестри, но сега многумина од нив почнуваат навистина да се соочуваат со реалната вредност на сестринскиот персонал, вели Анет Кенеди од Меѓународниот совет на медицинските сестри.

Според неа, секој долар вложен во развој на професијата на медицинските сестри носи опиплив резултат кога станува збор за здравјето и просперитетот на луѓето.

Во извештајот на СЗО уште се вели дека државите се должни да обезбедат финансиски средства за забрзана подготовка на медицински сестри и да отворат доволно работни места за нив.