Светската здравствена организација (СЗО) објави дека Јужна Америка станала нов епицентар на корона вирусот.
Експерти на СЗО велат дека најтешко погодена земја е Бразил, каде што властите веќе одобрија широко распространета употреба на антималарискиот лек хидроксихлорокин, иако не е клинички докажано дека лекот помага во лекување на Ковид-19 без дополнителни ризици. Бразил ја премина и Русија според бројот на заразени и се наоѓа на второ место во светот, по САД. Во земјата се потврдени вкупно 330.890 случаи.
Расте бројот на заразени и во Аргентина, каде што за едно деноноќие се регистрирани 718 новозаразени или вкупно 10.649. Во Мексико вчера беше регистриран рекорден број на смртни случаи за еден ден, кога за едно деноноќие починаа 479 лица. Вкупниот број на смртни случаи во земјата достигна 6989 лица, додека вкупниот број на заразени изнесува 62.527.
На прво место според заболени од Ковид-19 во светот се уште е САД, каде вчера, за едно деноноќие беа евидентирани нови 20.522 случаи и уште 1.089 починати. Според Американскиот ценатар за контрола на болести вкупниот број на заболени во земјата изнесува 1.571,617, додека починале 94.150 пациенти.
Она што радува е што во Кина вчера не беше потврден ниту еден нов случај на корона вирусот, првпат од избувнувањето на кризата во Вухан, минатата година. Исто така, во Кина вчера немаше ниту еден смртен случај од Ковид-19.