Светската здравствена организација го предупреди Бразил да не ја покренува својата економија пред да може да тестира доволно луѓе за да се контролира ширењето на корона вирусот.
Извршниот директор на организацијата за вонредни ситуации, Мајкл Рајан, изјави дека интензивната стапка на трансфер на вирусот значи дека Бразил треба да задржи во сила некаква форма на мерки за останување дома, без оглед на негативните последици по економијата.
Градоначалникот на Рио де Жанеиро, Марсело Кривеља, кој е и евангелски епископ, рече дека ќе ги вклучи верските институции во списокот на „основни услуги“.
Тоа значи дека црквите ќе можат да ги отворат своите врати, но верниците ќе мора да задржат растојание од најмалку два метра и покрај препораките за луѓето да остануваат дома и повеќето бизниси да останат затворени.
Во меѓувреме, гувернерот на Сао Паоло, Жоао Дорија го отфрли воведувањето целосен карантин во најголемата економија во Бразил и најави дека на 1 јуни ќе почне со олеснување на ограничувањата.
Изминатата недела, Бразил изби на второто место во светот по бројот на заразени, по САД и има повеќе од 360.000 потврдени случаи на корона вирус и речиси 30.000 смртни случаи.
И покрај ова, претседателот Жаир Болсонаро, кој Ковид-19 го нарекува „мал грип“, ги повика компаниите да продолжат со работа.