Свет 03. октомври 2019. / 14:44

Светот се менува-Саудиска Арабија дозволи и жените да се вработуваат во армијата

Светот се менува-Саудиска Арабија дозволи и жените да се вработуваат во армијата

Саудиските власти за првпат во историјата дозволија и жените да се вработуваат во вооружените сили на државата, соопшти весникот Аш Шарк ал Аусат, пренесува ТАСС.

Од сега, па натаму жените ќе можат да служат во сите родови војска со пониски чинови од водник до наредник.

Бившиот шеф на оперативниот центар за граѓанска заштита во Саудиска Арабија, Хасан аш Шахри, во изјава за весникот одлуката ја нарече како „чекор напред во вистинска насока“.

Воената служба отвара широки можности за жените, рече тој.

Саудиска Арабија до неодамна се сметаше за не само за најзатворена арапска држава во светот, туку и за најконзервативна во односот кон жените. Саудиското општество бараше од нив да ги почитуваат нормите на пуританскиот ислам. Жените во кралството добија дозвола да бидат возачи во 2017 година.

Меѓутоа, работите се изменија откако власта ја презедоа кралот Салман бин Абдул Азис Ал Сауд и неговиот син, принцот Мохамед бин Салман Ал Сауд. Основен двигател на прогресот стана прифатениот план „Визија 2030“-комплекс од економски и социјални реформи, кои се однесуваат на положбата на жените и им даваат можност да станат рамноправни членови во општеството.