– Американски експерти за безбедност се загрижени за можен „внатрешен напад“ или закана што може да дојде од припадниците на службата кои ќе бидат задолжени за чување на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден за време на инаугурацијата на 20 јануари. Тие побараа од ФБИ сите 25.000 припадници на Националната гарда бидат проверени и да дојдат в среда во главниот град.
Зголемената претпазливост е поради немирите што се случија на 6 јануари, кога пет лица беа убиени при упад на приврзаниците на Трамп во зградата на Конгресот, јавија американски медиуми.
Поширокиот центар на Вашингтон е целосно блокиран со огради, бетонски бариери и контролни пунктови, преземени се засилени безбедносни мерки во исчекување на секаков вид насилство во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден во среда.
Националната алеја, шеталиштето што води од споменикот на Вашингтон до Капитолот е затворена. Возилата се проверуваат, улиците се блокирани, а на локалните жители вчера им се советуваше да не излегуваат од дома, поради најавениот „вооружен марш“, кој воопшто не се оддржа.
Експертите предупредуваат дека заканата од екстремистички напади низ САД, инспирирани од повиците на претседателот Трамп, сеуште постои и најверојатно ќе се зголеми.
Во меѓувреме, продолжуваат апсењата на учесниците во настаните на 6 јануари. На прес конференција во саботата, Федералното биро за истраги (ФБИ) ги повика сите инволвирани во нападот на Конгрест да се пријават.
-Нашата служба го впрегна сиот свој капацитет да се казнат сторителите. Каде и да сте, ќе бидете идентификувани, најдени и ќе одговарате за сторениот криминал… Не можете да побегнете, добиваме дојави од вашите пријатели, вашите роднини, вашите најблиски, изјави портпарол на ФБИ.