Свет 07. јули 2018. / 20:06

Стотици загинати и исчезнати во поплави и свлечишта во Јапонија

Стотици загинати и исчезнати во поплави и свлечишта во Јапонија

Токио – Најмалку 51 лице загинаа, а околу 50 се водат како исчезнати, по невремето проследено со јак ветер и поројни дождови, што ги погоди западните и централните делови на Јапонија, предизвикувајќи поплави и лизгања на земјиштето.

Властите соопштија дека поголемиот дел од исчезнатите лица најверојатно ги однеле надојдените води, додека за останатите се претпоставува дека се наоѓаат под наносите од кал предизвикани од свлечиштата кои затрупа неколку куќи во префектурите Кјото и Хирошима.

Поради поплавите и лизгањата на земјиштето сообраќајот е во прекин на повеќе патни правци, а околу 1,6 милиони лица биле принудени да ги напуштат своите домови.

Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за невреме во четири префектури во западниот дел на најголемиот јапонски остров Хоншу, најавувајќи ризик од свлечишта, покачување на нивоата на реките и каналите и силни ветришта.

Властите им препорачаа на жителите да се придржуваат кон предупредувањата за евакуација и за брзо реагирање во случај на невреме.

Јапонските медиуми оценуваат дека западните и централите делови на Хоншу се зафатени од „историски најсилни врнежи“. Само во местото Мотојама, на околу 600 километри од Токио, за помалку од 24 часа наврнале 583 милиметри дожд.