Свет 28. мај 2020. / 18:00

Стотици луѓе избегале од карантин во Африка

Стотици луѓе избегале од карантин во Африка

Стотици луѓе, меѓу кои има заразени со корона вирус, избегале од карантин во Зимбабве и Малави, а по нив се организирани потери, затоа што властите стравуваат дека ќе го прошират вирусот во овие земји, чии здравствени системи се пред колапс.

Повеќе од 400 луѓе, кои неодамна се вратиле во Малави од Јужноафриканската Република, избегале од карантинскиот центар поставен на стадионот во градот Блантаер, прескокнувајќи ја оградата додека полицијата и здравствените работници само ги набљудувале.

Полицајците и здравствените работници објасниле дека не можеле да ја спречат толпата затоа што немале соодветна заштитна опрема.

Од избеганите, најмалку 46 лица се позитивни на корона вирусот, а некои од нив им нуделе поткуп на полицајците.

Во меѓувреме, портпарол на полицијата во Зимбабве објавил дека е почната потрага по над 100 луѓе, кои требало да останат 21 ден во карантин, откако претходно допатувале од странство. Тој нагласил дека тие се кријат во селата, додавајќи дека претставуваат сериозна опасност за општеството.

Зимбабве и Малави заедно имаат помалку од 200 потврдени случаи на зараза, но Јужноафриканската Република, во која граѓаните на овие две земји заминуваат во потрага по работа, има повеќе од 25.000 заболени со Ковид-19.