Свет 19. ноември 2019. / 13:48

Столтенберг: ЕУ не може да го замени НАТО

Столтенберг: ЕУ не може да го замени НАТО

Европската безбедност зависи од евроатлантското единство, ЕУ не може да го замени НАТО. Ова го изјави генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг на прес-конференција пред средбата на министрите за надворешни работи на НАТО.

Столтенберг соопшти дека идната недела ќе го посети Париз за да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон, кој пред неколку дена изјави дека „НАТО е клинички мртов“. Генералниот секретар посочи дека во НАТО нема за првпат разногласија, но оти силата на организацијата е во тоа што тие секогаш биле надминувани со разгледување и разговори.

-Нуклеарните способности на НАТО се најголемата сила за воздржаност. Нуклеарните сили на САД, вклучувајќи го и поставеното оружје во Европа се најголемата гаранција за европската безбедност, изјави Столтенберг.

Според Столтенберг, нема противречности меѓу европското и трансатлантското единство, зашто едното не е на сметка на другото.

По повод конечното ратификување на протоколот за пристапување на Северна Македонија кон алијансата, тој соопшти дека за тоа останува уште многу малку време. Според неговите зборови, процесот нема да заврши наредниве денови, но изрази очекување Северна Македонија да му се приклучи на НАТО во првите месеци на наредната година.