Свет 18. јули 2018. / 16:35

Стогодишнина од раѓањето на Нелсон Мандела, лидерот на слободата

Стогодишнина од раѓањето на Нелсон Мандела, лидерот на слободата

Својот живот го посвети на борбата против апартхејдот, режимот кој ја предвидуваше супериорноста на белците, и на каузата за слобода, според која, сите граѓани во својата земја, без разлика на расата, ќе живеат под исти права.

Светот денес се сеќава на легендарниот лидер на Јужноафриканците, Нелсон Мандела, кој е познат како „лидер на слободата и помирувањето“, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, пишува Anadolu Agency (AA).

Мандела, син на поглавар на племе, роден е на 18 јули 1918 година во подрачјето на Мвезо кое се наоѓа во покраината Источен Кејп во Јужноафриканската Република. Својот живот го посвети на борбата против апартхејдот, режимот кој ја предвидуваше супериорноста на белците, и на каузата за слобода, според која, сите граѓани во својата земја, без разлика на расата, ќе живеат под исти права.

Како најголема причина поради која светските лидери се воодушевени од Мандела е тоа што тој по победата, наместо потхранувањето на омразата против режимот на апархејдот, им излегува во пресрет на белците во земјата.

Мандела, по неговото раѓање го добил името Ролихлахла Далибунга, но првиот ден од своето поаѓање на училиште го добил името Нелсон од страна на неговиот наставник, како традиција во тој период.

Во наредниот период на неговото образование, Мандела излезе на преден план со својот отпор против расизмот. Водејќи ја својата долгогодишна борба, ја доби и првата казна, кога беше отстранет од училиште поради бојкотот кој го спроведе за време на студиите.

Дипломира на Правен факултет како вонреден студент, и ја отвори првата адвокатска канцеларија заедно со Оливер Тамбо, првиот црномурест адвокат во земјата.

Овој легендарен лидер, за првпат на својата 25-годишна возраст учествуваше на Националниот конгрес на Африка (ANC), кој беше во одбрана на борбата за еднаквост на црномурестите со белците. Заедно со своите блиски пријатели Валтер Сисулу и Оливер Тамбо, го основаа Младинскиот форум на Националниот конгрес на Африка, и стана негов претседател.

Во 1950-тите години, кога расизмот стана поостар, Мандела ја бранеше идејата за помилитантно организирање, и започна да презема поактивна улога во партијата. Неколкупати беше приведен поради неговите идеи, а доби и забрана од Владата да учествува на политички активности.

– Масакрот во Шарпвил –

Откако Националниот конгрес на Африка во 1960 година беше прогласен за илегален од страна на расистичкиот режим, во демонстрации, од страна на полицијата беа убиени 69 демонстранти.

Движењето на отпорот, кое се интензивираше по овој настан, во историјата познат како „Масакрот во Шарпвил“, беше насилно потиснат од страна на безбедносните сили и беа приведени илјадници лица.

По масакрот, Мандела се откажа од пасивниот отпор, и беше приведен веднаш штом се врати од патувањата во странство на кои замина да собира помош во оружје и пари.

Мандела беше обвинет за провоцирање на народот и обид за уривање на Владата, а во судскиот процес „Rinova“ во 1964 година доби доживотна затворска казна.

Во сеќавањата на луѓето остана неговата изјава за време на судскиот процес: „Ја прифатив идејата на едно демократско и слободно општество во кое сите луѓе ќе живеат заедно, во хармонија и под еднакви можности. Овој идеал е идеал за кој сакам да живеам и да го постигнам, но ако има потреба, за него и ќе умрам.“

– Слободата која дојде по 27 години –

За да ја отслужи казната, Мандела беше пренесен во островскиот затвор со високо обезбедување, „Робен Ајленд“, а дури по 18 години беше преместен во затворот „Пулсмур“, во Кејп Таун.

Името на Мандела стана познато низ целиот свет, откако во 1980-тите години почнаа да се шират реакциите против расизмот, благодарение на меѓународната кампања која ја започна неговиот пријател Оливер Тамбо, а Мандела стана симбол на борбата на Африканците за слобода.

По поминати 27 години зад решетки, беше ослободен на 11 февруари 1990 година, како резултат на зголемените надворешни притисоци.

– Првиот црномурест лидер на државата –

Мандела се кандидираше на првите демократски избори кои се одржаа во Јужноафриканската Република, а во 1994 година стана првиот црномурест претседател на оваа земја.

По изборите во кои учествуваа Јужноафриканци од сите страни, Мандела ја започна оваа функција со молитвите на христијаните, муслиманите, евреите и хиндусите.

Самиот тој, за свој заменик го назначи Фредерик Вилем де Клерк, последниот премиер на расистичкиот режим. Нагласи дека во земјата ќе доминира мирот, а не омразата.

Мандела и Де Клерк во 1993 година добија Нобелова награда за мир поради нивната борба за обезбедување мир и еднаквост во Јужноафриканската Република.

По својот петгодишен мандат како претседател, не се кандидираше повторно за оваа позиција, а во 1999 година му ја предаде на својот пријател Табо Мбеки.

Потоа Мандела својот живот го посвети на проекти за општествена одговорност, а се бореше и против СИДА, која е главната причина за сиромаштијата во земјата и на причината за смртта на неговиот син. Понатаму во својот живот продолжи и со активностите преку фондацијата за унапредување на Јужноафриканската Република во секоја област.

Мандела е татко на 6 деца од три брака. Почина на 5 декември 2013 година, откако неговата здравствена состојба почна да се влошува во 2011 година.

По повод 100-годишнината од раѓањето на Мандела, кој во историјата остана познат како „симбол на слободата“, низ целиот свет се организираат различни активности и симпозиуми.