Висок претставник на Стејт департментот изјави дека околу 10.000 притворени припадници на Исламска држава и нивните семејства, кои се наоѓаат во логорите на североистокот од Сирија, претставуваат голем безбедносен ризик и наведе дека милициите на сириските Курди, сојузници на САД, се целосно способни да ги чуваат.
– Темпирана бомба што отчукува е да се имаат 10.000 затвореници од кои многумина се странски борци. Тие треба да бидат вратени во земјите од кои дошле – ја пренесуваат неговата изјава британските медиуми.
Исламската држава ги загуби речиси сите свои територии во Ирак и Сирија. Нејзиниот поранешен лидер Абу Бакр ал-Багдади загина минатиот месец во американски напад во Сирија.
Светските лидери ја поздавија неговата смрт, но безбедносните експерти предупредија дека оваа група, која направи многу злосторства против верските малцинства и ги ужасна мнозинството муслимани, останува закана за безбедноста на Сирија и надвор од неа.
Сојузниците се загрижени дека екстремистите на ИД можат да побегнат од затворите во текот на нападот на Турција врз милициите на сириските Курди, кои заробија илјадници борци на оваа група и во нивните логори чуваат десетици илјади членови на нивните семејства.
– Имаме целосна доверба во способноста на сириските Курди да ги обезбедат објектите за притвор во кои ги чуваат овие луѓе и го оддржуваат логорот ал-Хол, но, сепак, не сакаме ништо од сето ова да го изложиме на ризик од било кои хуманитарни, противтерористички и други причини, рече американскиот функционер од Стејт департментот.