Во последниот извештај на Стејт департментот, Албанија се посочува како извор на канабис и транзитна земја на кокаин и хероин.
Во извештајот за 2018 година, стои дека шверцот на канабис, како и силните дроги, главно ги командуваат елементи на организиранот криминал, кои ги шверцуваат од земјите на потекло на европските пазари.
Количеството заплената дрога и апсењата поврзани со дрога во 2018 година, се наведува во извештајот, во голема мерка биле поттикнати од соработката на агенциите за спроведување на законот со меѓународните партнери, зголемениот меѓународен притисок и напорите на Албанија за влез во Европската унија.
-Има зголемување на запленето количество кокаин кој транзитира низ Албанија кон Европа, покрај откривањето на лаборатории за обработка на хероин и кокаин во северна и централна Албанија. Албанските криминални групи тргуваат со кокаин и хероин на европските пазари од земјите во Јужна Америка и Азија, кои се извори на овој вид дрога- се наведува во извештајот.
Во документот, исто така, се наведува дека корупцијата на сите нивоа на власта ја ограничува севкупната ефикасност во борбата против наркотиците.
-Официјалната корупција е широко распространета и промовира средина во која трговците со дрога се способни да дејствуваат без да бидат казнети. Обиди за искоренување на канабисот и кривично гонење на неговите одгледувачи биле многубројни, но не насекаде подеднакво. Интервенцијата во инфраструктурата на трговијата со дрога, која е создадена во текот на изминатите две децении, претставува предизвик- се оценува во извештајот.
Во извештајот, уште се додава дека високата стапка на невработеност и слабото владеење на правото, создале идеален амбиент за организираните криминални групи кои предизвикуваат проблем во контролата на дрогата во Албанија