Механичар несакајќи уништил воен авион Ф-16, со вредност од 19 милиони долари, во воената база „Флоренс“ во Белгија. Во несреќата повредени се двајца техничари и уште еден авион е оштетен.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од пожарот и уништеното летало. Според белгиските медиуми, двајцата повредени техничари во базата на околу 100 километри јужно од Брисел се здобиле со тешко оштетување на слухот.
Инцидентот се случил минатиот четврток напладне, а како што пренесуваат тамошните медиуми, механичарите работеле на одржување на еден авион од типот Ф-16, кој што бил паркиран недалеку од контролната кула во базата.
Одеднаш се слушнала вистинска грмотевица од рафалот на моќниот митралез „Гетлинг“ со калибар од 20 милиметри. Станува збор за шестоцевен митралез кој испукува 6 илјади куршуми во минута, односно во стандардната муниција се наоѓаат запаливи куршуми кои што според големината, многумина ги означуваат и како помали гранати.
Настрадале две летала кои што биле паркирани во близина, а биле наполнети со гориво затоа што наскоро требало да полетаат во тренинг мисија. Во базата веднаш бил активиран алармот за тревога и била започната голема спасувачка операција со цел да се спречи ширењето на пожарот.
Во гасењето на пожарот учествувале 30 пожарникари, додека на лице место пристигнале голем број на возила на итна помош. Ф-16 авионот кој што е целосно уништен бил наполнет со околу 10 илјади литри високозапалив керозин.