Одлуката на Приштина да отвори амбасада во Ерусалим е спротивна на интересите на ЕУ, порача портпаролот за надворешна политика, Петер Стано.
Позицијата на ЕУ останува иста во однос на статусот на Ерусалим, за кој треба да се решава директно помеѓу Израел и Палестина. Поради ова ставот на ЕУ е земјите членки да не отвораат амбасади во Ерусалим, туку во Тел Авив сѐ додека не се реши конечниот статус на престолнината.
Со одлуката да отвори дипломатско претставништво во Ерусалим, Приштина се оддалечува од “основните вредности“ на ЕУ, рече портпаролот Петер Стано.
-Жалиме поради одлуката бидејќи со ова Косово се оддалечува од позицијата на ЕУ за Ерусалим, изјави Стано.
Тој потсети дека косовската Влада ја смета ЕУ интеграцијата за врвен државен приоритет и дека тоа треба да го почитува.
Стано додаде дека ЕУ еднакво остро реагираше и кога Србија се договараше со администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за отворање на амбасада во Ерусалим, но Србија тоа никогаш не го стори и покрај договорот.
Усогласувањето со надворешната политика на ЕУ е еден од условите за членство во Унијата за земјите кандидати.