Свет 07. септември 2018. / 18:22

Средба на претседателите на Иран, Русија и Турција за Сирија

Средба на претседателите на Иран, Русија и Турција за Сирија

Претседателите на Иран, Русија и Турција Хасан Рохани, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган се сретнаа денеска во Техеран за да разговараат за иднината на Сирија, во момети кога се одвива воена операција во Идлиб – последниот бастион на бунтовниците во Сирија.

Во фоајето на меѓународниот Конгресен центар во Техеран, домаќинот Рохани ги пречека гостите. По традиционалното ракување, претседателите направија официјална фотографија и се префрлија во салата за седници.

Се очекува по воведните изјави, средбата да продолжи зад зтаворени врати. По средбата, тројцата претседатели ќе усвојат заедничка изјава и ќе одржат прес-конференција.

Иранскиот претседател Хасан Рохани пред средбата изјави дека американската интервенција во Сирија треба веднаш да запре.

– На воените огнови и крвопролевања во Сирија им се ближи крајот, рече тој.

Американските медиуми оценуваат дека Иран, Русија и Турција имаат ривалски интереси во Сирија, но дека сите три страни се соочуваат со санкции од САД, воведени од администрацијата на Доналд Трамп.

Во меѓувреме, жители на северозападната сириска провинција Идлиб учествуваат во масовни протести против претстојната владина офанзива таму и скандираат против сирискиот претседател Башар ал Асад.

„Ајде Башар оди си!“ и „Ќе ја заштитиме нашата револуција!„, извикуваат насобраните стотици демонстранти во Саракеб, мал град во Источен Идлиб.