Свет 03. мај 2019. / 18:23

Создавање антимигрантски сојуз по изборите најавија Орбан и Салвини

Создавање антимигрантски сојуз по изборите најавија Орбан и Салвини

Создавање антимигрантски сојуз по изборите за Европскиот парламент, најавија унгарскиот премиер Виктор Орбан и заменик-премиерот на Италија, Матео Салвини. Двајцата констатираа дека имаат идеолошка блискост кога станува збор за миграцијата во Европа. Орбан денеска изјави дека ќе бара начини за соработка со лидерот на италијанската крајна десница Салвини, одалечувајќи се дополнително од европските конзервативци кои ја суспендираа неговата партија во март.

На Европа по мајските избори ќе ѝ бидат потребни лидери кои се против имиграцијата. Мораме да пронајдеме нов начин за соработка со европското десно крило. Не знаеме каква групација ќе изгради Салвини, но се надеваме дека ќе биде силна. ЕПП мора да соработува со европската десница.“ – изјави Виктор Орбан – премиер на Унгарија.

Истовремено, италијанскиот политичар, оценува дека лево-орентираните партии во Европскиот парламент ќе овозможат појава на Калифат во Европа, и на заедничката прес конференција со Орбан во Будимпешта, објави дека ќе направи сè што е во негова можност да го спаси континентот.

Проблемот не е распределбата на мигрантите кои се веќе тука, туку спречување на пристигнување на илјадници други. Европејците треба да гласаат за националистичките партии на парламентарните избори на Европската Унија бидејќи постои ризик од појава на исламистички Калифат во Европа. – изјави Mатео Салвини – заменик-премиер на Италија.

Орбан најави и дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на 13 мај во Вашингтон. Поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон, најави дека негова амбиција е да им помогне на националистичките партии во Европа да победат.

На 18 мај, Салвини ќе организира голем собир на националистичките сили во Европа, но Орбан засега не го потврдил своето учество. Цврстата соработка меѓу Орбан и Салвини се случува непосредно пред парламентарните избори на ЕУ кои се закажани за 26 мај, а која треба да биде контра-тежа на крилото што го предводи францускиот претседател Емануел Макрон, кое ја поддржува миграцијата во Европа.

Истовремено, германската канцеларка Ангела Меркел, го отфрли повикот на Орбан за соработка со десните партии по изборите, нагласувајќи дека целосно го поддржува ставот на евро-парламентарецот Манфред Вебер, според кој нема да има никаква соработка со десните партии по изборите.