Свет 16. мај 2018. / 12:58

Состанок на арапските министри поради немирите во Газа

Состанок на арапските министри поради немирите во Газа

Арапските министри за надворешни работи ќе одржат итен состанок на Арапската лига поради израелско-палестинската криза, изјави извор од тоа регионално тело.

Средбата ќе се одржи на барање на Саудиска Арабија, а нејзина цел е да се изрази противење и револт кон израелската агресија врз палестинскиот народ и нелегалната одлука на САД да ја преселат амбасадата од Тел Авив во Ерусалим.

Состанокот на постојаните претставници на Арапската лига закажан за денеска ќе биде подготвителен состанок за седницата во четврток, додава изворот. На него најмногу ќе се дискутира за американската одлука за преселба на амбасадата, потег кој генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, го квалификуваше како јасно кршење на меѓународното право.

Генералниот секретар на Арапската лига исто така жестоко го осуди, како што рече, израелскиот масакр врз Палестинците во Газа кој се случи во вторникот.

Најмалку 60 Палестинци загинаа од почетокот на протестите кои избија во Газа во понеделникот поради одлуката за отворање на американска амбасада во Ерусалим. Повод за протестите беше и одбележувањето на „накба“ или како што ја опишуваат Палестинците, катастрофата од 15 мај 1948 година, кога многу Палестинци биле принудени да ги напуштат своите домови при официјалното формирање на државата Израел