Лични предмети на Холанѓанецот, соработник на „Викиликс“, кој пред три недели исчезна мистериозно во Норвешка, беа пронајдени на еден фјорд, соопшти норвешката полиција.
Како што се наведува, во текот на вчерашниот ден, рибар ги забележал предметите на површината на водата, за кои полицијата е сигурна дека му припаѓаат на исчезнатиот Арејен Камфејс, но поради истрагата не е откриено за какви предмети станува збор.
Камфејс е опишан како 47-годишен експерт за сајбер безбедност и соработник на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Тој последен пат беше виден на 20. август како го напушта неговиот хотел во Боде, Норвешка, каде бил на одмор.
Тоа исчезнување кое „Викиликс“ го опиша како чудно, предизвика разни теории на заговор на социјалните мрежи.
Полицијата сé уште работи на три можни претпоставки – доброволно исчезнување, вклучувајќи и можно самоубиство, несреќен случај или криминален деликт.
„Во истрагата не е направен посериозен напредок за да можеме да исклучиме или потврдиме една од овие три теории. Ги држиме сите опции отворени“, изјави инспекторот Бјарт Вала за „Франс Прес“.