Ден по насилните протести во Париз, славната авенија Елисејски полиња е во хорор состојба – со антивладини графити по ѕидовите и скршени излози на луксузни продавници – додека демонстрантите за сабота планираат и “трет чин” од протестните акции против зголемувањето на цените на горивата.
Во авенијата во која се наоѓа и претседателската палата, демонстрантите во текот на протестот во саботата по ѕидовите оставија пораки како “Долу држава, полицајци и фашисти”, “На оружје”, “Шампион во светот на данокот”, пренесуваат француските медиуми.
Во текот на судирите меѓу полицијата и “жолтите елеци” како што се нарекуваат демонстрантите во флуоресцентни елечиња, учесниците на протестите за баракади користеа градски мобилијар – канти за ѓубре, столчиња, маси и чадори од терасите на кафулињата и се друго со што можеше да се послужат за таа цел.
Според најновите податоци на Управата на париската полиција, 101 лице било задржано во полиција во протестите, во текот на кои 24 лица биле повредени во престолнината, меѓу кои и пет полицајци.
Ден по протестите, во кои учествуваа околу 100.000 луѓе, “жолтите елеци” денеска објавија дека планираат да организираат и “трет чин” на протести следната сабота.
На официјалната страна на “Жолти елеци” на Фејсбук, денеска беа најавени протести за идната сабота, 1-ви декември, за кои повеќе од 50.000 корисници на популарната социјална мрежа веќе искажале интерес, а местото на собирање е, повторно, Елисејските полиња.
Владата, во меѓувреме, не се откажува од својата цел и го потврдува зголемувањето на данокот на горивото.
Претседателот Емануел Макрон го осуди насилството на демонстрантите, порачувајќи дека во “Републиката нема место за такво насилство”.
“Нека се срамат оние кои ја нападнаа полицијата и оние кои биле насилни кон другите граѓани…Во Републиката нема место за такво насилство”, напиша Макрон на Твитер.